Македонија

Генерал Бојаџиев: Операцијата е раководена со врвен квалитет

Генерал Бојаџиев: Операцијата е раководена со врвен квалитет

-Најпрво изразувам длабоко сочувство и искрена почит кон семејствата на загинатите припадници на МВР. Моменталната ситуација во Куманово е толку сложена што ја загрозува и безбедноста на Република Македонија. Меѓутоа, со ангажирањето на безбедносните сили на местото на лоцирање на терористичката групација, не е дозволено да се прошири дејството на други места во Македонија. Каде што е лоцирана, тука е и неутрализирана и ликвидирана.

Вака генералот Ѓорѓи Бојаџиев ја оценува моменталната состојба во Куманово, откако безбедносните слики започнаа пресметка со тешко вооружена терористичка група. На прашањето за каква вооружена група станува збор и за каква цел го прави ова, генералот Бојаџиев вели дека не е директно вклучен, не е актер кој директно е вклучен во сознанијата за каква група се работи, не ги знае податоците од средствата за информирање.

-Претпоставувам дека тие се точни податоци и дека се работи за многу радикална група вооружена со силно оружје, група која е сомнителна според состав и амбиент во кој е лоцирана, што ја усложнува во голема мерка акцијата на припадниците на МВР, вели Бојаџиев.

Запрашан како ја оценува акцијата на полициските сили и пристапот на оваа акција, Бојаџиев вели дека стручноста и искуството на раководството на оваа операција нему му е гаранција дека операцијата е многу солидно подготвена, дека се согледани сите аспекти и дека операцијата е раководена со врвен квалитет на професионалци и борци кои ги има во својот состав.

-Борците во составот се хероите, тие се кои ми даваат мене и на сите граѓани на Република Македонија гаранција дека безбедноста на Македонија ќе биде подигната на високо ниво и дека нема да се наруши во ниеден сегмент. Тие го подигнуваат патриотизмот кај сите нас. Тие се херои и мислам дека целиот народ во Македонија, без разлика на етничката припадност веќе е свесен дека имаме силни безбедносни сили и дека Македонија не може да биде загрозена така како што некогаш била загрозена, вели Бјаџиев.