Генерал Николсон: Време беше за мегабомбата во Авганистан

Командантот на американските сили во Авганистан, генерал Џон Николсон во петокот изјави дека одлуката да биде употребена една од најголемите конвенционални бомби на светот била донесена исклучително од тактички мотиви во рамките на борбата против борците кои во оваа земја се поврзани со ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.

Најмоќната американска бомба којашто не е нуклеарна позната по ознаката „GBU-43/B“ или како „мајката на сите бомби“, беше исфрлена од авион од типот „MC-130“ во источниот дел од Авганистан и разори мрежа тунели коишто наводно ги користела Исламската држава и усмртила најмалку 36 џихадисти, објави во петокот авганистанската влада и ја отфрли можноста дека притоа настрадале цивили.

Портпаролот на екстремното исламистичко движење Талибан, Муџахид Забиула, во меѓувреме се огласи со порака до медиумите, во којашто наведува дека САД ја уништиле мрежата тунели коишто самите ги изградиле.

Бомбата во четвртокот вечерта го погоди упориштето на Исламската држава во округот Ачин, во источната авганистанска покраина Нангахар на границата со Паистан. Бомбата тешка 9,8 тони и има експлозивна моќ којашто може да се спореди со 11 тони ТНТ, а првично е осмислена за заплашување на непријателите и уништување големи површини.

Генералот Џон Николсон изјави дека бил во постојана комуникација со функционери во Вашингтон, но дека одлуката за користењето на оваа бомба се темелела врз процените за воени потреби, а не поради пошироката политичка меѓународна конотација.

„Ова е првпат да наидуваме на значителни пречки во нашето напредување. Ова беше вистинското време оваа бомба да ја употребиме тактички против вистинска цел на боиштето“, изјави генералот Николсон појаснувајќи ја заедничката авганистанско-американска операција којашто од март годинава е насочена против Исламската држава.

 

Авганистанското министерство за одбрана соопшти дека во споменатиот масивен удар врз мрежа од минирани пештери и тунели коишто ги користеле џихадистите, не е повреден ниеден цивил.

„Нема повредени цивили, уништена е само базата којашто Даеш (арапска кратенка за Исламската држава) за напади врз другите окрузи во покраината“, изјави портпаролот Давлат Вазири.

Во селото на пет километри од зафрленото планинско подрачје каде што е фрлена бомбата се почувствувало тресење на почвата, но нема оштетени куќи. Локалното население го поздравиле нападот врз Исламската држава и тврдат дека станува збор за Арапи, Пакистанци, кинески Ујгури и авганистански борци кои редовно доаѓале во селото за да се снабдат со храна.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани соопшти дека станува збор за заедничка операција на авганистанските и меѓународните сили кои особено внимавале во овој напад да не настрадаат цивили. Меѓутоа, поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи го осуди тој потег и тврди дека тоа „не е војна против тероризмот, туку нечовечко и брутално злоупотребување на нашата држава како област за тестирања за нови и опасни оружја“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.