Македонија

Генералниот директор на „Алкалоид“ добитник на престижниот „Златен медал“ од Црвениот крст

Генералниот директор на „Алкалоид“ добитник на престижниот „Златен медал“ од Црвениот крст

Црвениот крст на Македонија му го додели престижното признание „Златен медал“ на Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за безрезервната поддршка на социјални програми кои се насочени кон помагање на најранливата категорија граѓани.

На пригодна церемонија што се одржа на 12.12.2013 година во просториите на Црвениот крст, организацијата му изрази огромна благодарност на г. Мукаетов за како што истакнаа, огромниот придонес кој  континуирано со години го дава во насока на помош на оние на кои истата им е најпотребна.

„Со особено задоволство го доделуваме ова високо признание во знак на благодарност за укажаната помош во остварувањето на хуманитарните цели на Црвениот крст и во повеќе наврати обезбедената поддршка на програмските активности на нашата организација. Ефектите се повеќе од позитивни“, истакна Саити.

Дел од пригодната церемонија на која беа доделени признанијата, беше и државниот секретар од Министерството за економија, Анче Трифуновски, кој потенцираше дека ова е одличен пример за поттикнување на општествената одговорност во редовите на бизнис-заедницата.

Во своето пригодно обраќање, Мукаетов изрази огромна благодарност за доделеното признание.

„Ова е исклучителна чест за мене, но и поттик да продолжиме понатаму со хуманата мисија – јас како индивидуа, но и моето семејство и компанијата која ја водам“, потенцираше Мукаетов.

Признание „Бронзен поддржувач“ им беше доделено на компаниите: „Алфа Банка“, „Македонски Телеком“, „Пивара Скопје“ и „Сава осигурување“.