Македонија

Генералниот секретар на НАТО ќе има обраќање пред македонските пратеници

Генералниот секретар на НАТО ќе има обраќање пред македонските пратеници

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, четвртокот ќе се обрати во Собранието на Република Македонија, а по подолг период најавено е дека пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на денешната седница ќе го проследате неговото излагање, откако тој во интервју претходно порача дека за прием на земјата во блокот е неопходно промена на името.

Во Собранието, Столтенберг ќе има средба со парламентарниот спикер Талат Џафери, како и одвоени средби со лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски, а од собраниската говорница ќе им се обрати на пратениците.

Се очекува во Собранието Столтенберг да ги повтори заклучоците од Самитот во Букурешт, да ги охрабри сите за спроведување на реформите и да побара соработка од сите.

Средбата на челникот на Алијансата со премиерот Зоран Заев е закажана за 15 часот со официјална церемонија на платото пред Владата, рапорт на командантот на Почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија и обиколка на Почесната воена гардиска единица.

Посетата се реализира токму на поканата од Заев, а на неа се работело уште од јуни минатата година.

Доцна вечерта во средата се одржа неофицијална вечера на Столтенберг со дел од неговите официјални домаќини во ресторан на периферијата на Скопје, откако на скопскиот аеродром кој уште го носи имете „Александар Велики“ го пречека министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

Премиерот Заев на својот твитер профил објави групна фотографија на која покрај него, Столтенберг и Радмила Шеќеринска, се и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО.

„Реформските заложби на оваа Влада ја отсликуваат јасната ориентација на нашата земја за членство во НАТО И ЕУ“, напиша Заев.

Претходно во средата државната новинска агенција МИА објави дел од поообемното интервју со Столтенберг во кое тој вели дека „НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја членка, откако ќе се постигне заемно прифатливо решение за спорот за името во рамките на ОН“.

Интересно е што вечерата на Столтенберг и неговите домаќини се одвиваше речиси истовремено кога од Њујорк беше емитувана изјавата на медијаторот во спорот за името Метју Нимиц дека на преговарачите на Грција и Македонија им дал нов сет предлози, а веднаш потоа македонскиот преговарач амбасадорот во САД, Васко Наумовски, за ТВ Сител изјави дека предлозите се далеку од достоинствени.