Македонија

„Гентерм“ ќе вработи вкупно 2000 луѓе

„Гентерм“ ќе вработи вкупно 2000 луѓе

Американската компанија „Гентерм“ во март следната година ќе почне со изградба на производствен капацитет на површина од 6.400 метри квадратни во Технолошко индустриската развојна зона во Прилеп, информира денеска на прес-конференција директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Фабриката, во која ќе се произведуваат греачи за седишта и греачи и системи за ладење за волани, треба да почне со работа во четвртиот квартал од следната година. Во првите три години се предвидени илјада вработувања, а вкупно  2.000.

– До крајот на неделава компанијата треба да избере локална македонска компанија  која ќе го проектира објектот, до крајот на февруари да се избере градежна компанија, а некаде од средината на март да почнат градежни активности. Фабриката треба да биде готова во четвртиот  квартал следната година. Постои многу агресивен временски период, помалку од една година, кога компанијата треба да биде функционална, рече Мизо.

Глобалната американска компанија „Гентерм“ има производствени капацитети на неколку континенти, но главното производство е во Украина, од каде, според Мизо, ќе го  диверзифицираат производството во Македонија. – Динамиката значи дека навистина е потребен ваков производствен погон во блиска иднина, бидејќи има голем производствен погон во Украина, а состојбата таму налага од логични причини производството да се диверзифицира и да се има друга алтернатива, наведе Мизо.

Првични контакти со компанијата се направени пред четири години, но тогаш немале конкретни планови за инвестиции. Повторно е воспоставен контакт пред шест месеци кога Македонија веќе била влезена во нивните анализи.

Со инвестицијата на „Гентерм“, укажа Мизо, се поголем дел од компонентите за автомобили се произведуваат во Македонија.

– Добиваме уште еден бренд којшто е познат во глобалната автомобилска индустрија што, пак, ќе претставува магнет и за идни инвестиции, рече Мизо.

По инвестициите во зоните во Кичево, Струга, Штип, Ранковце, укажа, сега и во зоната во Прилеп ќе има нова инвестиција со што полека, но сигурно секоја од 14-те планирани зони од страна на Владата наоѓа свој инвеститор.

Паралелно со изградбата на фабриката ќе се гради и потребната инфраструктура во зоната при што, како што рече Мизо, сите вклучени институции ќе ја запазат динамиката.

Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, инвестицијата  е значајна за подобрување на економијата во Прилеп и за намалување на невработеноста.  Во текот на изградбата,  посочи, ќе се овозможи и работа за домашни градежни фирми,  а кога ќе биде изградена ќе има соработка  со локални фирми од услужната дејност.

– Со почнување на изградбата на фабриката паралелно ќе се гради и инфраструктурата, а локалната самоуправа ќе ја пружи својата комплетна логистика за спроведување и комплетно реализирање на оваа инвестиција до крајот на идната година. Ќе биде финаниска инјекција за градот Прилеп, рече Ристески, истакнувајќи дека со отворањето на фабриката во зоната во Прилеп се отвора нова можност за работа на прилепчани што одат на работа во Кавадарци и во Битола.