„Гентерм“ почнува со работа од октомври, ќе се вработат 2.000 лица

Околу 2.000 лица ќе се вработат во новиот погон на компанијата „Гентерм“ во индустриската развојна зона во Прилеп. Денеска во Владата на Република Македонија беше потпишан договор за реализирање на инвестицијата.

Советникот за странски инвестиции во кабинетот на премиерот Никола Груевски, Алекс Никовски, истакна дека оваа брзорастечка глобална компанија ќе отвори најсовремен погон во Прилеп.

Станува збор за инвестицијата вредна 20 милиони евра, а погонот на компанијата во индустриската развојна зона во Прилеп ќе биде отворен во октомври. Ќе се произведуваат клима уреди и појаси за автомобили…

Директорот на компанијата Генетрм за Европа, Јорг Евер, истакна дека по извршените анализи одлучиле дека Македонија е најдобар избор за нив за понатамошна изградба на нивните капацитети.

-Се одлучивме за Македонија поради достапноста на работната сила, која е мошне добро едуцирана и поради добрите инвестициони можности кои ни ги овозможи Владата. Во производствениот капацитет во Прилеп ќе произведуваме појаси, клима уреди за автомобили, кои ќе ги продаваме на европскиот пазар. Производствениот капацитет во Прилеп ќе биде отворен во октомври, посочи Евер.

Според него, за Гентерм вложувањето во земјава е голем чекор што ќе им овозможи проширување на бизнисот во Европа.

Согласно проекциите американската компанија ќе гради фабрика со вкупна површина од 21.000 метри квадратни. Паралелно со активностите околу изградбата што треба да стартуваат идната недела, се подготвува и зоната во Прилеп.

Директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, потенцираше дека компанијата веќе работи на избирање на менаџерски тим, кој ќе биде испратен на обука во Украина, каде Гентерм веќе има свој производствен капацитет.

Компанијата Гентерм вработува околу 9.000 лица во сите свои капацитети, а производите се наменети за Ферари, Бентли, БМВ, Крајслер, Фиат и останати автомобилски компании.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.