Гереро со хет-трик го однесе Перу во полуфинале

Некогашната ѕвезда на Баерн и Хамбургер, сега ветеран на залез на кариерата, Паоло Гереро го одведе Перу во полуфиналето од Копа Америка откако ноќеска реализира хет-трик против Боливија за победа од 3:1.

Селекторот Рикардо Гарека беше соочен со огромен притисок да го остави Гереро на клупата поради неговата “суша” на оваа Копа Америка и фактот што од 2012 година досега постигна само два гола за репрезентацијата.

Сепак, тој не се откажа од ветеранот, повторно му даде шанса, а овој врати на најдобар можен начин. Во период од само четири минути постигна два гола, па на средина од првото полувреме Перу веќе водеше со 2:0. Хет-трикот го комплетираше во 74-та минута и стигна до бројката од 24 гола за репрезентацијата, па сега му недостасуваат уште само два да го достигне рекордерот и легенда на перуанскиот фудбал Теофило Кубиљас.

Конечниот резултат на мечот го постигна Мартинс Морено од пенал во 84-та минута, но немаше време Боливија да дојде до пресврт.

Ова е второ полуфинале за Перу по ред на Копа Америка по она во 2011 година во Аргентина. Сепак, за пласман во финалето ќе се бори со домаќинот Чиле и тоа на Националниот стадион во Сантијаго в понеделник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.