Германците дебатираат за воведување флексибилно работно време

Во Германија во тек е расправа за воведување флексибилно работно време и промена на законите за работни односи, кои би биле посоодветни за современата работна средина.

„Флексибилното работно време е важно со цел германските компании да останат конкурентни на глобален план“, изјави претседател на Експертскиот совет за проценка на економските услови, Криштоф Шмит за весникот Welt am Zontag.

Посочува дека германското трудово право досега се докажало во практикаа, но дека тоа повеќе не е адекватно за „дигиталното работно опкружување“.

„Предрасудата дека работното време започнува наутро со доаѓање во канцеларија и завршува со нејзино напуштање е застарена“, вели тој.

„Претпријатијата треба да има правна сигурност и да не го прекршуваат законот кога вработените навечер учествуваат на една телефонска конференција или наутро со појадок ја проверуваат службената електронска пошта. Тоа ќе им даде поголема слобода не само на работодавачите, туку и на вработените“, вели Шмит.

Флексибилното работно време е тема на преговорите за формирање на коалициската влада на демохристијаните, либералите и зелените, кои се во тек.

Либералната Слободна демократската партија (FDP) во понеделникот излезе со барање за пофлексибилен однос кон работното време.

„Законот за работни односи повеќе не е во согласност со времето во кое живееме и мора да станеме пофлексибилни“, изјави претставникот на FDP, Михаел Тојрер.

Најави дека како еден од условите за учество во идната влада, неговата партија ќе бара адаптација на германското трудово право кон упатствата на ЕУ, кои, наместо осумчасовниот работен ден, предвидуваат само работна недела од 48 часа, која би можела да се прилагоди на потребите на работодавачот.

„Тоа значи повеќе слобода и повеќе шанси“, појасни Тојрер.

Германските синдикати остро се спротивставија на плановите за воведување на флексибилно работно време, стравувајќи дека ова би можело да изврши дополнителен притисок врз работниците и да значи повеќе прекувремени работни часови.

„ Законот за работни односи и договорот меѓу работодавачите и синдикатите и сега овозможуваат флексибилност#, вели претседателот на германскиот федерален синдикат DGB, Рајнер Хофман, додавајќи дека вработените во Германија минатата година работеле над 1,8 милиони прекувремени часови, од кои половината не биле платени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.