Германците повторно би инвестирале во Македонија

Германските компании во земјава со позитивна оценка за бизнис – климата. За оваа година најавуваат зголемување на инвестициите и бројот на вработени, покажуват резултатите од  анкетата на Македонско – германското стопанско здружение. Најмногу критики има во делот на јавните набавки, администрацијата, но и за политичката ситуација.

Најголем дел од нив, дури 80 проценти, повторно би инвестирале во Македонија.

-Радува што нашите членки се задоволни од деловната состојба, од извозот и од бројот на вработените, како и фактот што ќе имаме нови германски инвестиции.  Според истражувањето,  четири од пет компании повторно би инвестирале во Македонија. Ова значи дека скепсата од минатите години повеќе  не е толку силна и дека на Македонија се гледа како на позитивно место за инвестирање. Сепак, не смеат да се занемарат негативните фактори. Една од важните задачи на Владата ќе биде да се грижи за политичката и социјалната стабилност што е поврзано и со актуелната политичка ситуација во државата“, изјави Мартин Кнап, директор на Германската сопанска комора во Македонија.

Според Германците, општата економска состојба во земјата е подобра во однос на претходните години. Единствени забелешки имаат за политичката криза, јавните набавки и администрацијата.

„Мене ме радува подготвеноста за нови вработувања и за инвестиции. Би го навел и нивото на академското образование и самата стручност, а тие се попозитивни во однос на претходните години, што за македонското стопанство е позитивен сигнал“, потенцира Ханс Хелге Зандер, заменик – амбасадор на Германија во Македонија.

Во изминативе две години четири германски фирми, кои размислувале дали да инвестираат во Македонија или во Србија, на крајот се решиле за нашата земја.

Истражувањето е спроведено во првиот квартал меѓу 179 компании – членки на Здружението. Според последните податоци, германските инвеститори во земјава ангажираат 11 илјади работници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.