Германците се потолерантни кон странците

Германците сега се помалку нетрпеливи кон странците во споредба од пред 15 години, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за јавно мислење „Форса“, според која 16 отсто од граѓаните во источниот дел и 10 проценти во западниот дел на земјата оцениле дека во Германија живеат премногу странци, пренесе МИА.

Пред 15 години во источниот дел од Германија 30 отсто од Германците се изјасниле дека има премногу странци во државата, а исто мислење имале и 20 проценти од западниот дел на земјата.

Бројот на странците во Германија во 2014 година достигна рекорд, кога според статистиката имало 8,2 милиони луѓе со странски пасош.

Според статистиката во 2013 година во Германија живееле 16,5 милиони луѓе кои не се родени во земјата, што претставува една петтина од вкупното население.