Свет

Германија бара затворање на две нуклеарни централи во Белгија

Германија бара затворање на две нуклеарни централи во Белгија

Германските власти упатиле официјално барање до белгиската влада за затворање на две атомски централи поради безбедносни причини, јави дописникот на МИА од Берлин.

Министерката за животна средина Барбара Хендрикс побарала да бидат затворени реакторите во 40 години старите нуклеарки „Тиханг 2“ и „Доел 3“ се додека не се надминат безбедносните проблеми во постројките за производство на електрична енергија.

Според информациите на германските власти во двете централи кои што се сместени на границата меѓу Германија и Белгија има појава на деградација на металот од кој се изградени ректорите.

Двете централи, чиј животен век е продолжен до 2025 година, беа затворени лани, по што повторно во декември започнале со работа за да се зачуваат работните места во централите.

Германската министерска во своето барање користи информации од германската Комисија за безбедност на реактори според која независните експери не можат да потврдат дека безбедносните мерки за двете нуклеарки можат да бидат спроведени без ризик.

Во март оваа година германските власти исто вакво барање за затворање на нуклеарни постројки упатија и до Франција во врска со најстарата централа Фесенхајм која што е сместена на границата меѓу Швајцарија и Франција.