Германија го избегна распадот на владејачката коалиција

Партиите во германската владејачка коалиција ткн Гроко (Голема коалиција) постигнаа во четвртокот доцна ноќта по повеќечасовно спорење компромис околу прашањето за затворање на границите за барателите на азил и бегалците коишто веќе претходно биле регистрирани во некоја од земјите на Европската унија.

„Договорот од А до Ш е онаков каков што еден министер може да го посака“, изјави по разговорите меѓу владејачките партии од унијата на Христијанско-демократската унија (CDU) и Христијанско-социјалната унија (CSU), и Социјалдемократската партија на Германија (SPD), министерот за внатрешни работи од баварската CSU, Хорст Зехофер кој и бараше измени на прописите за имиграцијата.

Претседателката на SPD, Андреа Нахлес, по средбата изрази задоволство од постигнатиот компромис. Социјалдемократите се притивеа на терминот ткн транзитни центри крај германските граници во коишто би биле сместени бегалците регистрирани во некоја друга земја од ЕУ од кои по итна постапка би биле враќани доколку нивното барање за азил веќе било одбиено или не ги исполнуваат условите за тоа.

„Се договоривме околу тоа дека нема да има еднострани национални одлуки и дека нема никого да враќаме од германската граница“, рече челничката на SPD. Социјалдемократите се бореле и за тоа, како што рече Нехлес, планираниот закон за доселување на стручњаци, што е исто така пакет мерки за подобра регулација на имиграцијата, да биде донесен уште во текот на оваа година.

Околу спорниот поим на транзитните центри Зехофер појасни дека „поради коалицискиот партнер кој не го сака овој термин“ постигнат е договор околу „транзитна постапка во полициските објекти“.

Бегалците коишто би биле опфатени со овој пропис би биле сместени во објектите на граничната полиција, со што правно не би стапнале на германска територија и оттаму би биле протерувани во земјите во коишто прво се регистрирани по влегувањето во ЕУ или, доколку тоа не би било можно, во соседна Австрија.

Генералната секретарка на партијата на канцеларката Ангела Меркел CDU, Анегрет Крамп-Каренбауер, го поздрави договорот на владејачката коалиција „којашто сега стои обединета зад целта на воведување ред, насочувања и ограничувања на имиграцијата“.

Судирот околу постапката кон барателите на азил кои се регистрирани во некоја друга земја од Европската унија се закануваше изминатите седмици со распадот на децениската Унија на демохристијаните, откако Зехофер понуди оставка, а со тоа и на германската влада којашто и онака има историски тесно мнозинство.

Германската канцеларка Ангела Меркел инсистираше на тоа околу ова прашања прво да се постигне договор со земјите на ЕУ коишто би биле погодени од оваа мерка, додека Зехофер инсистираше оваа мерка да биде воведена веднаш и без претходен договор, но потоа направи отстапка да се постигне договор на ниво на ЕУ, но Меркел не успеа да го исполни вистински ниту овој негов ултиматум.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.