Германија и Кина доследни за зачувување на иранскиот нуклеарен договор

Германија и Кина се предадени во зачувувањето на меѓународниот нуклеарен договор со Иран и покрај повлекувањето од него на САД, изјавија кинескиот премиер Ли Кечијанг и германската канцеларка Ангела Меркел по разговорите во Пекинг.

„Поништувањето на договорот го загрозува мирот и стабилноста во регионот“, изјави Ли во четвртокот по средбата со Меркел, којашто престојува во дводневна посета на Кина.

Договорот не е совршен, но алтернативите се уште понесигурни, го повтори Меркел своето предупредување. Поради санкциите европските компании би можеле да го загубат ангажманот во Иран, што остава простор за другите земји да го пополнат тој простор, додаде германската канцеларка.

Германија и Кина, исто така, сакаат да продолжи дијалогот со Северна Кореја, велат Ли и Меркел. И Вашингтон и Пјонгјанг соопштија дека може да го откажат историскиот самит меѓу своите лидери планиран за 12-ти јуни, но Ли и Меркел повикаа да продолжат преговорите.

Меркел рече дека се надева на денуклеаризација на Корејскиот полуостров, како и дека неодамна „видела работи кои побудуваат надеж“. Ли, пак, рече дека е важно ова прашање да се реши со мирољубив дијалог.

Кина ги поздравува германските компании и заштитата на нивните вложувања, рече кинескиот премиер, додека канцеларката изјави дека Германија ги поддржува кинеските вложувања во својата земја.

Ли во заедничката изјава за медиумите со Меркел истакна дека Кина и Германија ја поддржуваат глобалната слободна трговија, и го нагласи големиот потенцијал на нивната заедничка соработка.

„;Кинеските порти се отворени. Може да се каже дека уште повеќе се отворени“, рече Ли.

Меркел ги поздрави неодамнешните кинески изјави дека уште повеќе ќе го отворат својот финансиски сектор за странските учесници и ќе ги намалат кинеските барања за заеднички вложувања во секторите како што се автомобилската индустрија, главното упориште на германските вложувања во втората најголема светска економија.