Свет

Германија им помагала на САД во шпионирањето на Франција и на ЕК

Германија им помагала на САД во шпионирањето на Франција и на ЕК

Германската разузнувачка служба (БНД) со години и’ помагала на американската Агенција за национална безбедност (НСА), во шпионирањето на француската влада и на Европската комисија во Брисел, објавуваат медиумите во Германија, пренесува Нетпрес.

Базата за прислушување на БНД во Бад Ајблинг, Баварија, била незаконски користена за следење на високи функционери на француското министерство за надворешни работи и на Елисејската палата, како и на Еврокомисијата, објавиле весникот „Зидојче цајтунг“ и радио-станиците NDR и WDR, цитирајќи информации од внатрешна истрага на разузнувачката служба и на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел.

Минатата недела, помошник на Меркел, пред германските пратеници во Бундестагот рекол дека НСА можеби го користела БНД како параван за шпионирање на Европската аеро-вселенска и одбрамбена корпорација (EADS), компанијата „Јурокоптер“ и европски политичари.

НСА барала од БНД користење на компјутерските сервери за следење на интернет сообраќајот, за барање на клучни зборови, за IP адреси и за имиња, пишува германската новинска агенција ДПА.

Во понеделникот весникот „Билд“ објави статија во која се тврди дека администрацијата на канцеларот, Ангела Меркел, била информирана за шпионирањето и тоа уште во 2008 година, но не презела никакви чекори во однос на таа информација.