Германија инсистира на институционално решение на кризата во Македонија

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска во главниот град на Германија имаше билатерална разговори со германски претставници во врска со македонските евроинтеграции и актуелната политичка криза во Македонија.

По средбата со државниот секретар во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот, Бесими изјави дека на средбата се дискутирало за евроатланската перспектива за Република Македонија која е клучен приоритет.

Вицепремиерот вели дека и за ЕУ е важно Македонија да влезе во Унијата и Германија како земја која што го поддржува овој процес е сериозно заинтересирана за напредок.

Една од главните теми на разговорите била политичката ситуација во земјата, но се разговарало и за меѓуетничките односи и безбедносната состојба со цел и насока што побрзо Македонија да ги надмине предизвиците во политичка смисла, но и да се фокусира на европската агенда.

– Германија очекува политичкиот дијалог да покаже напредок, да има институционално решение на состојбата во земјата, но и пораките од Советот на ЕУ да бидат сериозно адресирани од страна на носителите на политиките во Македонија, изјави вицепремиерот за европски интеграции Фатмир Бесими, според кого Македонија од германските домаќини добила поддршка за европската перспектива и надминување на сите политички предизвици во земјата.

ФОТО: МИА