Германија испрати војници во Ирак

Германија испрати шестмина свои војници во ирачкиот град Ербил за координација на можната испорака на оружје во борбата против групацијата „Исламска држава“, пишува германското списание „Шпигел“, додавајќи дека со тоа, иако се’ уште не е донесена официјална одлука дали Германија ќе испрати оружје, е сторен првиот чекор.

Во договор со германското Министерство за надворешни работи создаден е еден „воен елемент на поврзување“, а под тој термин, како што наведува весникот, се мисли на шестмината војници, кои во тој град би требало да помогнат при распределба на помошта на цивилите и во координацијата на евентуалната испорака на оружје.

Германскиот Будесвер веќе стави на располагање опрема за курдските борбени сили во северен Ирак, околу 4.000 шлемови, 4.000 панцир кошули, 700 апарати за комуникација и друга техничка опрема.
Германскиот канцелар Ангела Меркел најави дека нејзината Влада најдоцна овој викенд ќе донесе одлука за испораката на оружје во Ирак.