Германија ја декласираше Црна Гора

Во средбата од првото коло од Групата Ц на Европското ракометно првенство во Хрватска, бранителот на титулата Германија во Загреб убедливо ја совлада Црна Гора со 32:19 (17:9), во пресрет на вториот меч од групата во којашто од 19,30 часот започна дери средбата меѓу селекциите на Македонија и Словенија.

Средбата практично беше решена кон средината на првото полувреме кога Германците успеаја од 11-та до 21-та минута да направат серија од 9:0 со којашто се одвоија на недостижните 13:3. Во продолжението на натпреварот разликата во неколку наврати изнесуваше и 14 голови (28:14, 31:17 и 32:18), за да заврши со 13 голови за германските ракометари.

Уве Геншејмер со девет голови беше најефикасен кај Германија, додека Владан Липовина постигна седум погодоци за Црна Гора.