Германија ја прислушкувала Австрија до 2016 година

Германската разузнавачка служба БНД ја шпионирала Австрија најверојатно до 2016 година, а не до 2006 година, како што првично се веруваше откако аферата беше обелоденета во јавноста.

Случајот повторно е во фокусот на австриската јавност по објавување на листата со 2.000 телефонски и факс приклучоци кои БНД ги прислушкувал во Австрија, што предизвика тензии меѓу Виена и Берлин.

Австриската влада во 2013 година беше соочена со оваа афера кога беше откриено дека БНД шпионирал во земјата, по што министерката за внатрешни работи Јохана Микл Лајтнер поднесе кривична пријава против непознати лица, но истрагата не донесе никакви резултати, туку беше суспендирана.

Откако сега е објавен списокот на 2.000 шпионирани меѓународни организации, амбасади, медиуми, како и австриски компании, но и министерства, австрискиот канцелар Себастијан Курц од неговата германска колешка, Ангела Меркел побара целосно расвелување на аферата.

Австрискиот претседател, Александар Ван дер Белен и Курц истакнуваат дека не можат да прифатат шпионажа од пријателска земја.

Тоа не се прави на пријателите, истакна Ван дер Белен.

И министерот за внатрешни работи, Херберт Кикл водел разговори во врска со аферата со надлежната германска министерка за специјални задачи, Хелге Браун.

Тој ја замолил да одговори на прашањето кога шпионирањето била прекинато и што се случило со собраните податоци.

Имено, австриската влада тргнува од тоа дека шпионирањето траело до 2016 година, а не до 2006 година, како што првично беше претпоставувано.