Германија ќе отвори регионално економско претставништво во Скопје

Регионално претставништво на германската економија ќе биде отворено во Скопје следниот месец, најави Холге Толксдорф, шеф на директоратот  за ЕУ и проширување, Југоисточна Европа и Турција во сојузното Министерство за економија на Германија.

Во обраќањето на синоќешниот прием во Берлин по повод 25 годишнината од независноста на Македонија, јави дописникот на МИА, Толксдорф истакна дека Германија како ментор ја помагала Македонија во сите области на нејзиниот општествен живот како економски, така и политички.
– Во изминатите години се продлабочуваше соработката на германските и македонските компании, а во октомври заедно со германско – македонската стопанска комора во Скопје ќе отвориме регионално претставништво на германската економија. Од Скопје ќе бидат опслужувани и германските компании во Тирана и во Приштина на кои ќе им се нудат услуги за полесен влез на тој пазар, изјави Толксдорф.
Трговската размена меѓу Македонија и Германија која е најголем надворешен трговски партнер првпат оваа година ќе ја надмине сумата од  три милијарди еври.
Според Толксдорф, земјите од регионот самите го имаат клучот за развој и стабилност, имаат и желба за приближување кон ЕУ а неговата земја е секогаш тука за да им помогне на тој пат. Изборите закажани за 11 декември, оцени, се императив за Македонија со цел забрзување на евроинтеграциите.
На приемот во организација на Македонската амбасада во Берлин присуствуваа над 200 гости од германскиот политички, дипломатски, бизнис и културен живот, како и членови на македонската заедница во Сојузна Република Германија.
Обраќајќи се пред присутните гости амбасадорот на Република Македонија Сашо Марковски зборуваше за македонскиот развој, интеграции и реформи како единствен пат по кој се движи земјата. На тој пат како држава и како народ наидовме на многи препреки за кои наоѓавме не секогаш едноставни решенија и кои се надминати со воља, верба и компромиси, порача амбасадорот според кого никој не треба да има дилеми дека стратешките цели на Македонија се членство во ЕУ и НАТО.
берлин прием 8 септември
– Пријателството не е подарок кој се добива туку нешто што треба да се заслужи, со искреност, со посветеност, доверба, и верба во заедничка иднина. Македонија денес има голем број искрени пријатели и поддржувачи, што секако е мотив повеќе да се работи на градење уште повеќе пријателства и соработки. Сојузна Република Германија е наш искрен пријател кој често знаел да ги истакне можностите, но и слабостите и ние тоа го почитуваме. Ако ги земеме за пример економските параметри СР Германија секогаш била на првите три места во соработката со Македонија, уверен сум дека ова пријателство ќе се одржува докажува и гради и во иднина, порача амбасадорот Марковски според кого Европската Унија е тело кое што за да биде функционално сите негови природни делови да имаат можност за развој, а Македонија е природен дел од ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.