Германија лани запрела руски кибер напади на политички цел

Првиот напад бил спречен во мај 2016 година, кој за цел го имал интернет домејнот на партијата ЦДУ на канцеларката Меркел на северот од земјата, изјави за германските медиуми Арне Шенбрун, шеф на федералната Канцеларија за информативна безбедност.

Во вториот успешно спречен напад што се случил неколку месеци подоцна целта била компјутерскиот систем што го користат германските политички партии во Бундестагот.

Спроед експертите цитирани од германските медиуми руската кибер група користејќи емаил со името на НАТО се обидела да инјектира опасен софтвер за да ја контролира мрежата во Долниот дом на германскиот Парламент.

– Германија останува во опасност од кибер напади поради тоа што сме високо дигитализирани. Колку повеќе сме дигитализирани, толку повеќе зависиме од дигиталните мрежи и се соочуваме со поголем ризик од кибер напади, вели Шенбрун.

Во јануари американските служби предупредија дека Русија по примерот на нападите за време на американските претседателски избори ќе се обиде да нападне и други земји за време на одржување на избори како Германија или Франција.

Групата АПТ28 е истата кибер организација која што во 2015 година успеа да украде 16 гигабајт материјал од германскиот Парламент а според американските и европските безбедносни служби лани извршила напад и врз ОБСЕ.

Германски служби и политичари предупредуваат дека кибер криминалци од Русија би можеле да се обидат да влијаат на германското јавно мислење во пресрет на парламентарните избори закажани за септември. Руските власти категорично ги отфрлаат наводите дека стојат зад било која кибер група.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.