Германија на неодредено време излегува од Шенген?

Новиот германски министер за внатрешни работи Хорст Зехофер бара контрола на германските граници на недореден период, како и да ги прошири и на другите премини, со што Германија практично ќе излезе од Шенгенскиот систем, пренесува дневниот весник „Welt am Sonntag“ во своето издание од неделата.

„Контролите на границите кон соседите мора да бидат толку долго на сила додека на Европската унија не ѝ појде од рака поефикасната заштита и контрола на нејзините надворешни граници. Но не гледам дека тоа во извесно време би можело да успее“, изјави досегашниот премиер на сојузната покраина Баварија и челник на баварската Христијсанско-социјална унија (CSU), Хорст Зехофер во разговорот за „Welt am Sonntag“.

Министерот за внатрешни работи воедно најавува дека контролите би требало да бидат проширени и на другите гранични премини во Германија.

Во моментов многу гранични премини во Германија не се трајно контролирани. Мораме да зборуваме за тоа, дали тоа може така да остане. Не станува збор само за спречувањето на илегалните минувања на границата, туку и за другите заштитни функции, вели Зехофер.

Во моментов Шенгенскиот систем на германско барање е укинат на германско-австриската граница, како и на барање на Данска на германско-данската граница.

Зехофер се залага во интервјуто и за посистематско протерување на лицата на коишто им е одбиено барањето за азил во Германија. Тој бара зајакнување на персоналните состави во судовите коишто одлучуваат по барањата за азил и протерувањата, а истовремено ветува помош на сојузните земји во процесот на протерување на лицата за коишто не постојат правни основи за престој во Германија.

Новиот министер за внатрешни работи и донеодамнешен премиер на Баварија, позиција од којашто често ја критикуваше имиграциската политика на канцеларката Ангела Меркел, челничка на сестринската партија Христијанско-демократска унија (CDU), исто така, се залага за промена на односите на Германија кон источните земји членки на Европската унија, коишто одбиваат да примаат имигранти, според системот на квоти кој го донесе Брисел.

Доколку бидеме трпеливи во преговорите, голем дел од овие земји ќе се согласат со распределбата не беглаците. А некои земји на некој друг начин би можеле да се ангажираат во решавањето на проблемот, на пример, со засилен ангажман во заштитата на заедничките надворешни граници, вели Зехофер.

Претседателот на CSU, кој и претходно беше еден од најжестоките критичари на либерланата мигрантска политика на Меркел, најави по слабиот изборен резултат на последните парламентарни избори ланскиот септември, впрочем и како на CDU и на социјалдемократите, борба за гласачите кои им го свртија грбот на конзервативците и се свртеа кон европскептичната и антидоселечника партија Алтернатива за Германија (AfD), којашто за кусо време страна третата политичка сила во земјата.

Во Баварија оваа есен ќе се одржат избори за покраинскиот парламент, на кој CSU ќе се бори за зачувување на апсолутното мнозинство, коешто го контролираа веќе со децении.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.