Балкан

Германија не им дава азил на Албанците

Германија не им дава азил на Албанците

Германија нема да даде азил на албанските државјани иако нивниот број е во постојан раст. Тоа поради фактот што германските власти Албанија ја сметаат за безбедна земја.

Ова, како што пренесува  тиранскиот весник „Мапо“ е ставот на надлежните  во Баварија, според кои  во просек секој месец за азил аплицираат по 1600 албански државјани, јавува дописникот на МИА од Тирана.

Баварската државна министерка за Европа, Беате Марк  изјавила дека Албанија се смета за безбедна и стабилна земја  и поради тоа нема причина на државјанин на оваа земја да му се одобри азил. Според неа азил во Германија се дава само на тие лица на кои во земјата од каде потекнуваат животот им е во опасност, што во Албанија не се случува.

– Нема да им дадеме азил бидејќи Албанија е безбедна земја. На лицата кои чекаат азил нема да им даваме пари, туку само храна и облека. Ќе го забрзаме процесот и оние кои нема да добијат азил ќе бидат вратени дома, изјави Мерк.

За да бидат поубедливи и да добијат азил, албанските државјани, најчесто се повикуваат на заканата од крвна одмазда, но и тоа германските власти детално го проверувале.