Германија со нови услови за бегалците

Согласно договорот ЕУ-Турција, Германија ќе прими 13.500 нови бегалци во наредниве две години и дополнителни 1.600 сириски бегалци кои сега се сместени во Турција, јави дописникот на МИА од Берлин.

Претставници на германското Министерство за внатрешни работи тврдат дека бегалците ќе бидат примени во земјата само ако ги исполнуваат предвидените услови, пренесуваат дел од медиумите на курдски јазик.

Портпаролот на Министерството Харалд Најман за интернет порталот „Рудав“ изјавил дека мигрантите кои ќе добијат дозвола за влез треба да се едуцирани, да имаат познавање од странски јазици и да имаат роднина или друг „спонзор“, кој поседува германски пасош.

Овие услови нема да важат за постарите мигранти и за децата, но возрасните кои имаат високо образование или се стручни во одредени обасти мора ги исполнат новите критериуми.

Согласно наведените нови правила, кои не се дел од извештаите на германските медиуми, во Германија ќе можат да дојдат само луѓе од воени зони или други ризични подрачја каде што има опасност по безбедноста на луѓето. Како опасни зони не се сметаат балканските држави, кои се прогласени за безбедни земји.

Според договорот ЕУ-Турција, секој илегален мигрант кој ќе влезе во Грција по 20 март ќе биде депортиран назад во Турција, од каде што ќе биде депортиран во матичната земја, освен ако таму нема борбени дејствија или безбедносни закани за повратниците.