Германија работи на план за спас на Грција

Германската федерална влада работи на план кој што ќе овозможи Грција да остане во еврозонната дури и во случај на банкрот, јавува МИА.

Според весникот „Ди Цајт“ германската владејачка коалиција составена од ЦДУ на Ангела Меркел и СПД на вицепремиерот Зигмар Габриел се плашат дека владата во Атина нема да може да обезбеди пари за плаќање на своите финансиски обврски кои што треба да дојдат за наплата во наредниве неколку недели. Доколку тоа се случи Европската централна банка, според правилата на еврогрупата, ќе треба да запре со достава на заедничката европска валута на Грција.

Минатата недела Грција беше на чекор од одложување на плаќањето на долгот кон Меѓународниот монетарен фонд што предизвика тензии на пазарите и меѓу членките на еврозоната.

Според новиот германски план Европската централна банка треба да продолжи да ја финансира Грција доколку земјата банкротира. За тоа да може да се случи ќе треба да се најде начин грчките банки да можат делумно да учествуваат во финансиски трансакции дури и ако централната банка на Грција прогласи банкрот. Предуслов за ова да се случи е Грција да биде целосно кооперативна во барањата за реформи од своите доверители затоа што е можно владата на Ципрас да инсистира на своите социјални и популистички програми кои што чинат многу пари.

Според анализите, дури и ако овој план не вроди со плод и Грција банкротира и мора да излезе од еврозонната земјата нема целосно да биде отсечена од ЕУ затоа што во тој случај ќе биде организирана помош која што ќе овозможи мирна транзиција кон новата валута.