Германија и САД разменуваат информации за осомничени терористи

Германската федерална полиција (БКА) на своите колеги од американското Федерално биро за истраги (ФБИ) им предала податоци за 299 луѓе за кои постојат сомневања дека се терористи, јавуваат германските медиуму, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Според весникот „Рајнише пост“, БКА на ФБИ и предала имиња, датуми на раѓање, броеви на пасоши и други лични податоци за 159 германски државјани и 140 странци кои од германските власти се регистрирани како „Потенцијални извршители на терористички напади“.

Според медиумите на списокот предаден на ФБИ нема информации за луѓе против кои веќе е поведена судска процедура за поврзаност со терористички групи. Германските власти редовно ќе го обновуваат списокот кој ќе биде доставуван на САД со цел поефикасна борбра против тероризмот.

За возврат и американската влада на германските власти редовно ќе им предава информации за потенцијални терористи кои што се на списоците на ФБИ и другите американски безбедносни агенции.

Во мај БКА објави дека за само една година бројот на потенцијални извршители на терористички напади во Германија се зголемил за речиси двојно. За разлика од 2015 година кога БКА класифицирала 270 потенцијални терористи оваа година списокот пораснал на 497. Бројот на луѓе кои што се водат како потенцијални соработници кои што би помагале на терористите во нивните акции се проценува на 339 осомничени.