Германија сака, Аргентина не сака реприза на Италија 90

Без разлика кој за кого навива, денеска, точно во 21:00, виманието на сите фудбалски фанови ќе биде насочено кон фудбалскиот храм во Рио да Жанеиро, популарната “Маракана”, кој ќе биде домаќин на последниот, финалниот натпревар на јубилејното 20. Светско првенство, дуелот помеѓу репрезентациите на Аргентина и Германија.
Дуелот помеѓу претставниците на Европа и Јужна Америка ќе биде реприза на финалниот натпревар од пред 24 години, кога во Рим, репрезентацијата на Германија забележа минимален триумф од 1:0 во дуелот против популарните “гаучоси” кои беа предводени од Диего Армандо Марадона.
За поголемиот број на фудбалски стручњаци, но и спортски обожувалници, фаворитската улога треба да биде доделена на Германија кој ќе биде предводена од Томас Милер, Месут Озил, Тони Крос и од фантастичниот Мануел Ноер.
“Европа против Јужна Америка. Што друго да очекувате освен вистински спектакл. Аргентина има многу силен тим. Најмногу сум импресиониран од играта на нивните дефанзивци кои не знаат за грешка. Компактен тим, одлично организиран, сконцентриран од првата до последната минута. Истото се однесува и за напаѓачката линија каде главниот збор го има Лионел Меси и Гонзало Игуаин. Ние сме подготвени за овој историски натпревар, ќе дадеме се од себе и сакаме победа во финалниот натпревар. Го имаме потребното искуство, моите фудбалери се навикнати да играат натпревари кои се дефинирани како живот или смрт. Таков беше и полуфиналниот дуел против Бразил”, изјави селекторот на Германија, Јоаким Лев.
Сосема нормално, најверните фанови на Аргентина најмногу очекуваат од фудбалскиот “магионичар”, Лионел Меси, а предводникот на “гаучосите”, Алехандро Сабела, повторно ќе располага и со услугите на Анхел ди Мариа и на Серхио Агуеро.
“Има неколку фудбалери кои се многу уморни, кои се жалат на болка во двете нозе, кои ја немаат потребната енергија. Аргентина имаше еден ден помалку за подготовка, но јас верувам во моите фудбалери, знаам дека ќе бидат на висина на задачата. Германија од секогаш делувала многу моќна кога е во прашње психичката подготвеност на фудбалерите. Ментално се многу силни, а кога е во прашање тактиката, противникот го има и тој според мене потребен јужноамерикански допир. Очекувам многу тежок натпревар, но Аргентина одигра 120 минути и во 1/4 финалето и во полуфиналето, а Германија сите проблеми ги реши во 90 минути. Германија со право ја има фаворитската улога, но тоа не значи и дека ќе слават во финалниот натпревар”, изјави Сабела.