Германија сака „талентирани“ мигранти но не од Балканот

Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезијер, изјави дека Германија треба го спречи напливот на азиланти од Југоисточна Европа, но притоа, земјата да се рекламира кај „вистински талентираните имигранти“.

Министерот предлага земјата да биде подготвена за прием на нови доселеници чија професија е дефицитарна во Германија.

-Неопходен ни е имиграционен маркетинг. Нашата земја треба да ја рекламираме онаму од каде што сакаме да дојдат нови луѓе, изјави Де Мезијер.

На списокот на „пожелни“ земји на спаѓаат балканските земји, вклучувајќи ја и Македонија. Според зборовите на германскиот министер, само во првиот квартал од оваа година, дури половина од вкупниот број на баратели на азил, доаѓаат од земјите од Балканот.

-Треба да постојат европски активности за да го решиме проблемот со азилати. Не можеме да разговараме за азилантите од Африка ако не сме во состојба да ја ставиме под контрола ситуацијата со европските земји, порача Де Мезијер на конференцијата на Сојузната служба за миграција и бегалци по повод десетгодишнината од германскиот закон за имиграција.

Официјален Берлин смета дека оваа година во земјата ќе пристигнат околу 300.000 барања за азил, додека сојузните покраини тврдат дека бројот ќе биде значително поголем.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.