Германија во еден натпревар и нанесе неколку удари на Шпанија

Полека но сигурно Шпанија го губи приматот на доминантна сила во светскиот фудбал.

Кризата во шпанската репрезентација е присутна веќе подолг период, но синоќа тоа се виде и на дело. Шпанија во пријателски меч беше поразена од Германија со 0:1, но она што е поинтересно е дека за првпат по 86 натпревари, Шпанија не беше надмоќна кога е во прашање поседот на топката во еден меч. Откажувањето од репрезентацијата на Чави и Чаби Алонсо најубаво можеше да се примети токму во овој сегмент од фудбалската игра.

Но ова не беше единствениот момент за одбележување. Имено, Шпанија беше поразена во Виго, што е прв пораз на домашен терен по цели 8 години и 3 дена, односно по 34 натпревари. Последен пат Шпанците биле поразени дома од Романија на 15 ноември во 2006-та година, со резултат 0:1.

Третиот и последен проблем за “црвената фурија” е што оваа година ја завршуваат со пет порази на своето конто, податок кој илустрира во каква надолна линија оди формата на Шпанците. Пет порази во иста година Шпанија доживеа во 1991-ва година, односно пред 23 години.

Инаку стрелец на единствениот погодок за Германија во петтиот и последен пораз во оваа година за Шпанците беше токму фудбалерот кој игра во шпанската Примера, односно во тимот на Реал Мадрид, Тони Крос. Тој постигна гол во 89-та минута од средбата кој се покажа како доволен за победа на неговата репрезентација.