Германската полиција уапси две лица по нападите во Брисел

Полицијата во Германија уапси две лица под сомнение дека се поврзани со терористичката група што ги изврши нападите во Брисел.

Според неименувани извори на весникот „Шпигел“, еден од уапсените е приведен во средата во близина на Франкфурт.

Тој пред нападите во Брисел примил две пораки преку мобилен телефон во кои се споменувало името на Калид Ел Бакрауи, терористот кој ја активира бомбата во бриселското метро.

Германското Министерство за внатрешни работи не ги потврдува наодите на весникот, според кои, примените пораки го содржеле зборот „крај“ на француски и биле примени три минути пред експлозијата во метро станицата Мелбек во Брисел.

Засега нема детали за идентитетот на вториот уапсен за врски со напаѓачите во Брисел.

Германските безбедносни служби предупредуваат дека со оглед на развиената мрежа на ИД во Европа, не може да се отфрли можноста од нови терористички напади вклучително и на локации во Германија.