Германски инвеститори: Деловната клима во Македонија годинава значително подобра

Дури 80 проценти од компаниите членки на Македонско-германското стопанско здружение (МГСЗ) повторно би инвестирале во земјава, покажуваат резултатите од анкетата за деловната клима во Македонија во 2015 година што во периодот од 1 февруари до 2 март годинава ја спроведоа МГСЗ и Германската стопанска комора во Македонија (ГСКМ) меѓу 179. компании членки, пренесува МИА.

Како што информира директорот на ГСКМ Мартин Кнап на денешната прес-конференција, во анкетата општата економска состојба во Македонија е оценета како значително попозитивна во споредба со претходните години. Пазарот на трудот и инвестиции во Македонија станува се поинтересен и 32 отсто од компаниите членки на МГСЗ сакаат да ги зголемат своите инвестиции во земјава во 2015 година, а 27 проценти од нив ќе вработат нови работници.

– Сегашната економска состојба во Македонија како добра ја оценуваат 21 отсто од компаниите, како задоволителна 41 процент, а 38 отсто како лоша. Од испитаниците 25 проценти сметаат дека годинава ќе има подобрување на економската состојба. За разлика од годинава лани 42 проценти од испитаните ја оценија економската состојба како лоша, а само 8 отсто како добра, рече Кнап, нагласувајќи дека 2015 е оценета како најдобра економска година од почетокот на спроведувањето на анкетата во 2007 година.

Тој посочи дека моменталната деловна ситуација на својата компанија како добра ја сметаат 27 отсто од испитаниците, 65 проценти ја оценуваат како задоволителна, а само 8 осто велат дека се наоѓаат во лоша економска ситуација.

– Од испитаните компаниии 47 отсто сметаат на подобрување на состојбата на компанијата во 2015 година, 47 проценти сметаат дека ќе биде непроменета, а само 6 отсто очекуваат  потешка економска ситуација, рече Кнап.

Нагласи дека Македонија е единствената земја која има суфицит во надворешно-трговската размена со Германија, а тоа, како што рече, се должи на германските инвестиции во земјава. Прецизира дека голем дел од новоотворените компании во Македонија работат како снабдувачи на германската автомобилска индустрија.

– Се радуваме што скепсата од изминатите години веќе не е толку силна и што на Македонија се гледа како на место позитивно за инвестирање, за разлика од 2007 година кога започнавме со анкетите. Но, и покрај тоа не смеат да се занемарат негативните фактори и една од битните задачи на Владата ќе биде да се грижи за политичка и социјална стабилност што е поврзано и со актуелната политичка ситуација во државата. Во секој случај нашите членки се задоволни од нивната економска ситуација и немаат негативен тренд во прометот и извозот. Во следните години ќе имаме нови инвестиции од Германија во Македонија, а четри компании кои бираа меѓу Србија и Македонија веќе се одлучија тука да инвестираат, рече Кнап.

Претседателот на Македонско-германското стопанско здружение Михаел Дикамп посочи дека е задоволен од продуктивноста и образованието на македонската работна сила и додаде дека повторно би се одлучил да инвестира во земјава.

– Во изминатиот период голем број германски компании се одлучија да инвестираат во Македонија, а во следниот период очекуваме уште поголем интерес. Од анкетата произлегува дека инвестициите и градењето на деловните врски пред се зависат од понатамошното подобрување на рамковните услови. Значи, мора да постои правна сигурност, да се покачи платежната дисциплина, а администативните постапки, како и постапките за јавнинабавки да бидат потранспарентни и поефикасни. Тоа се основни предуслови за да дојдат нови германски инвеститори во Македонија, рече Дикамп.

Проценката на актуелната економска состојба во Македонија, нагласи, дава позитивни сигнали.

Заменик амбасадорот на Германија во Македонија Хелге Зандер рече дека го радува подготвеноста за нови вработувања во Македонија и потенцира дека тоа е факторот што беше најдобро оценет во анкетата. – Потоа доаѓа нивото на академското образование и стручноста на работната сила за кои има попозитивни одговори во однос на минатите години. Тоа е позитивен сигнал за македонското стопанство, рече Зендер.

Истакна дека задоволството во однос на даночниот систем и економската политика е намалено во споредба со 2014 година и се бележи пораст на трошоците за работа, што според него, најверојатно се должи на зголемувањето на минималната плата и измените во Законот за хонорари.

– Политичката стабилност е оценета како полоша. Знаеме дека анкетата е спроведена во текот на февруари, а знаеме и што се случува во Македонија од февруари и затоа не е чудно што е така оценета. Се надеваме дека набрзо ќе биде вратена политичката стабилност, рече Зендер.