Германски новинар реагира за начинот на кој опозициските медиуми и Заев го пренесоа неговиот текст

 Михаел Мартенс, новинар на германскиот дневен весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, реагира на начинот на кој неговиот текст за аферата „Пуч“ беше пренесен во македонските медиуми и од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Мартенс во својот текст напиша дека обвинувањата се сериозни и мора да бидат истражени, но се недокажани. Мартенс воедно напиша дека во земја со два милионa жители би било неверојатно да бидат прислушувани 20.000 лица, како што тврдеше Заев. Мартенс иронизираше дека, ако ова тврдење е навистина точно, на Македонија би и’ позавидела дури и шпионската служба на некогашна источна Германија. Но, повеќе македонски медиуми, повикувајќи се на Дојче Веле, го пренесоа текстот на Мартенс како сериозно обвинување дека Македонија се претворила во Источна Германија. Потоа истото го кажа и Заев во неговото интервју за телевизијата 24 Вести.

„Ова е многу неточно толкување на текстот што го напишав. Би сакал да бидам цитиран точно. Во текстот потенцирав дека се работи за обвинувања, кои можеби се точни, а можеби не се, и дека ништо не е докажано. Во 4-5 делови од мојот текст тоа јасно го ставив на знаење”, изјави Мартенс за МИА, додавајќи дека не би сакал повеќе да гледа неточни толкувања на неговиот текст од страна на македонските медиуми и политичари.