Германски полицајци распоредени на српско-унгарската граница

Дваесетина полицајци од Германија, опремени со возила и термовизиски камери, се распоредени во близина на српско-унгарската граница и ангажирани за сузбивање на илегални миграции и откривање на фалсификувани документи, јавува Танјуг.

Единицата е распоредена во атарот на населбата Хајдуково во близина на Суботица, каде германските полицајци се на иста задача со припадниците на граничната полиција на Србија и Жандармеријата.

Присуството на германските полицајци е резултат на договорот на министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ и шефот на германската полиција, кој беше постигнат на почетокот на неделата.

Како што изјави заменик началникот на Регионалниот центар за гранична полиција Ненад Секулиќ, досега се забележани првите резултати, затоа што германските полицајци веќе учествувале во спречување на обидите за илегален премин на границата на подрачјето на Келебија од страна на 20 лица од Косово и Метохија.

Според неговите зборови, во обезбедувањето на српско-унгарската граница дневно се ангажирани околу 200 полицајци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.