Германски политичари бараат итно протерување на азилантите

По повод огромниот прилив на азиланти и прогнозата дека таа бројка годинава би можела да достигне 300 илјади лица, германски политичари бараат итно протерување во земјите на потекло на оние азиланти на кои барањето им е одбиено, пишува весникот „Билд“, пренесува МИА.

Политичарите предупредуваат дека доколку на овој проблем не се пристапи тоа би значело „отворање врата“ за злоупотреба на правото на азил.

Министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус побара итно забрзување на азилантската постапка за граѓаните од Косово и во случај на потреба нивно брзо протерување.

– Луѓето во Германија се привлечени од погрешни претпоставки, рече Писториус, чија покраина се наоѓа на граница на издржливост кога станува збор за азиланти. Во Долна Саксонија 2.500 лица чекаат да бидат распоредени по прифатилишта, што е илјада повеќе од расположливите капацитети, пренесува „Билд“ наведувајќи дека најголемиот дел од нив се од Косово. Само овој месец од Косово во Долна Саксонија пристигнале околу 1.400 лица.

Писториус побара граѓаните на Косово да бидат подобро информирање преку интернет и другите средства за комуникација за она што ги очекува во Германија.

– Не може да се дозволи азилантската постапка да трае до шест месеци и во земјата да живеат 155 илјади луѓе кои се одбиени и имаат обврска да ја напуштат државата. Германските покраини конечно мора да почнат да дејствуваат, изјави портпаролот на пратеничката група ЦДЅ/ЦСУ во Бундестагот, Стефан Мајер.

Оваа изјава е реакција на прогнозите на германската Сојузна служба за мигранти и бегалци дека годинава бројот на азиланти ќе достигне бројка од околу 300 илјади, што би значело зголемување од 50 отсто во однос на минатата година.

Брзо протерување на азиланти побара и министерот за внатрешни работи на покраината Саксонија, Маркус Улбип и предупреди дека е потребно брзо разјаснување на статусот на азилантите.

Кога станува збор за граѓаните од Косово, статистиката вели дека од почетокот на оваа година до 12 февруари околу 18 илјади лица влегле во Германија со барање за азил.

фото: dw.de

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.