Германскиот амбасадор порача дека клучни се реформите и дијалогот меѓу власта и опозицијата

Во однос на евроатлантските интеграции на Македонија смета дека не само што има светло на крајот на тунелот, туку тоа е точно насочено, а клучната улога ја има реформскиот процес како и дијалогот меѓу власта и опозицијата, порача во четвртокот германскиот амбасадор во Република Македонија, Томас Герберих на конференцијата „Македонија: Евроатлантска интеграција, нови предизвици и можности“ што се одржа во Министерството за надворешни работи.

Амбасадорот истака дека Владата во изминатата година постигнала голем напредок, а доказ за тоа е препораката од Европската комисија за почеток на преговорите.

Според Герберих, реформите мора да се спроведат со вклученост на сите чинители во општеството и да се врати доверба во институции кои треба да работат во рамки на нивниот мандат, почитувајќи го правото и применувајќи ги највисоките професионални стандарди, оти само тогаш ќе можеме со сигурност да кажеме дека реформскиот процес пристигнал во оваа земја.

„Клучно е реформскиот процес да биде инклузивен. Опозицијата мора да биде вклучена како клучен дел во функционирањето на демократијата. Конструктивниот политички дијалог меѓу Владата и опозицијата надминувајќи ги сите политички разлики е клучно за соодветно функционирање на една парламентарна демократија. Потребно е време за одредни реформи да бидат целосно спроведени и бара голем ангажман. Македонското опшество се наоѓа среде еден огромен реформски и реконструкциски процес, како политички така и економски. Тие реформи се тешки и не секогаш популарни, но се во интерес на граѓаните и на земјата“, рече Герберих

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.