Германскиот БДП поголем за 2 отсто отколку во истиот период лани

Германскиот бруто домашен производ (БДП) во вториот квартал од годинава се зголеми за 2 проценти во однос на истиот период претходната година, поттикнат од повисоката лична и државна потрошувачка на владата, а не од извозот, што покажува дека најголема економија во Европа го забрзува растот и покрај несигурноста во врска со трговијата.

Според податоците на германското статистичко биро објавени во вторникот, БДП се зголемил за 0,5 отсто на квартално ниво. Ова е нешто повеќе од проценката на економистите во анкетата на Ројтерс, кои во просек очекува раст од 0,4 проценти.

И покрај сите темни пророштва, порастот не е само жив, туку е и здрав. Засега не е веројатно дека растот ќе забави поради глобалниот трговски спор или од прегревање, вели економистот Александар Кругер од Bankhaus Lampe. Но тој додава дека конфликтот со САД во врска со тарифите ги расипува изгледите за втората половина од годината.

Од статистичкото биро посочуваат дека економскиот раст во голема мера е резултат на повисоката потрошувачка на домаќинствата и владината потрошувчака, а дополнителните стимулации произлегуваат од растот на инвестициите.
Тие исто така наведуваат дека извозот исто така се зголемил, но многу побро пораснал увозот, што укажува на тоа дека нето-трговијата не придонела за севкупниот економски раст.

Истовремено, ова укажува на постепена промена во германската економија, односно нејзино оддалечување од традиционално ориентиран модел на извоз кон растот поттикнат од рекордно вработување, порастот на платите и растечката градежна активност.