Германските компании си заминуваат од Ирак

Ирак им нуди големи шанси на странските инвеститори. Меѓутоа граѓанската војна го уништува економскиот подем од последните години. И германските компании повторно си заминуваат од земјата, пишува „Дојче Веле“.

„Ова што сега се случува е трагедија. Можам само да се надевам дека еден ден ќе се врати разумот и мирот.“ Претприемачот Ернст Јоахим Трап од германскиот град Весел е потресен кога зборува за Ирак. Неговата семејна фирма која е основана уште во 1952. година и ја води заедно со својот син, работи и во земјата на Еуфрат и на Тигар. Трап како 17-годишник го следел својот татко и му помагал како преведувач. Овие блиски контакти кои траеле со години и се проширувале, му помогнале за одржување на бизнис врските, вели тој.

Пред се’, како што вели, една работа научил многу брзо: „Важно е да се има добри партнери кои се таму на домашен терен и кои се добро упатени. „На крајот е сеедно дали во Багдад е на власт крал или влада: „Локалната моќ е во рацете на шеикот. Тоа е така веќе стотици години. Ако имате добар контакт, тогаш се чувствувате многу сигурно.“

Градежната фирма на Ернст Јоахим Трап во 2012. година во провинцијата Анбар на западот на земјата започна со реализација на еден проект. Изненадена е од актуелните случувања.

„Кога пред 2 години почнавме со работа, ни велеа дека тука е најбезбедно, бидејќи подрачјето се наоѓа на крајниот запад, непосредно пред сириската граница. Токму ова подрачје сега го контролира Ал Каеда и ИДИЛ“, вели овој 77-годишник разочарано.

На градилиштето се’ уште се работи, но е вработено само уште локалното население. Германските инженери поради безбедносни причини се повлечени. И „Сименс“ и другите интернационални фирми ги повлекоа своите работници од регионот или од земјата.

Во моментов во централен Ирак, околу Багдад и на југот околу пристанишната метропола Басра, работат 300 германски фирми. Во автономната област Курдистан на северот на Ирак, свои претставништва и филијали имаат околу 40 германски фирми. Германската економија во последните години посебно се ангажираше во областите како што се логистика, градежништво, производство и снабдување со струја, вели стручњакот од ДИХК, Бем.
„Од 2008. интересот на германските фирми во Ирак значително порасна. Сепак, мора да се каже дека во последно време опаѓа интересот на фирмите поради влошената безбедносна ситуација.“

Германија во Ирак минатата година извезе стока во вредност од 1,3 милијарди долари. Во арапскиот свет Ирак е осма земја по ред во која извезува Германија. Во споредба со Обединетите Арапски Емирати (10 милијарди) и Саудиска Арабија (9 милијарди), Ирак има само споредна улога.