Германските конзервативци и социјалдемократите решиле важно спорно прашање

Демохристијанската унија составена од Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската сестринска партија Христијанско-социјална унија (CSU) со Социјалдемократста партија на Германија (SPD) постигнале договор за спојување на бегалските семејства кои немаа постојан престој, прашање коешто се сметаше за едно од најспорните во преговорите за составување на новата влада, пишува во средата дневниот весник Bild.

Повикувајќи се на коалициски кругови блиски на процесот на преговарање, а за што се уште нема официјална потврда, Bild пишува дека од SPD се откажале од барањето да се укине општата забрана за доведување членови на семејствата на бегалците кои во Германија престојуваат на одреден период.

За возврат, спојувањето на семејствата би било можно таму каде што доведувањето на членовите на семејството се смета за неопходно. Такви се, на пример, случаите на малолетни бегалци кои без родителска придружба пристигнале во Германија, а сега сакаат да им се придружи семејството.

Биркард Лишка, од SPD, кој во преговорите е задолжен за внатрешнополитичките прашања, за дневниот весник Mitteldeutsche Zeitung тврди дека би можело да станува збор за 40.000 лица коишто на овој начин би добиле привремена виза за престој.

Претставнциите на демохристијаните и на социјалдемократите најавија дека разговорите на коишто треба да се утвди дали постојат заеднички основи за формирање влада, а станува збор за продолжување на ткн голема коалиција, треба да бидат завршени до четвртокот вечерта. Доколку биде постигнат договор за клучните прашања, двете страни кон крајот на јануари треба да започнат конкретни преговори за коалицискиот договор.

Германија нема влада од парламентарните избори 24-ти септември кога двете најголеми политички формации во Германија ги остварија најслабите избори резултати во историјата, а конзервативците не успеаја да ја формираат ткн „Јамајка коалиција“ со либералите и зелените. Потоа под притисокот од јавноста и видни социјалдемократски политичари, SPD која веднаш по изборите објави дека нема да учествува натаму во владата, реши да прифати нови преговори со демохристијаните за формирање на ткн „голема коалиција“ којашто во медиумите е позната како ГроКо, за да се избегне распишување повторени парламентарни избори.

Напорите да се формира нова влада на најсилната економија во Европската унија се најдолгите во историјата на Германија по Втората светска војна. Партиските првенци сакаат до петокот да утврдат дали имаат доволно заеднички ставови за минување во следната фаза од преговорите, односно официјални коалициски преговори. Има многу несогласувања и разлики, во прв ред по прашањето на имиграциите и политиките кон ЕУ и во јавните инвестиции.

Доколку не се успее во обидите да се формира влада, преостануваат опциите за составување малцинска влада којашто би ја водела канцеларката Ангела Меркел или распишување нови парламентарни избори.