Германските разузнавачи негираат дека Абдеслам планирал напад врз нуклеарен центар

Германската разузнавачка служба, Федерална канцеларија за заштита на уставноста (БФВ) денеска ги отфрли информациите дека нејзиниот шеф Ханс Георг Масен информирал членови на Парламентот за документи пронајдени кај напаѓачите од Париз, кои биле поврзани со нуклеарниот истражувачки центар Јулих.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, предходно медиумската група РНД повикувајќи се на извори во парламентарната Комисија за надзор на службите за безбедност, јави дека Маасен во март ги информирал членовите за овие сознанија.

– Тоа не е точно, немаме информација за тоа. Нашиот претседател Маасен никогаш не разговарал со ниту еден член на Парламентот, изјави денеска портпарол на БФВ.

Според РНД, копии од написи од интернет и фотографии од директорот на нуклеарниот центар во Јулих, Волфганг Маркарт биле пронајдени во станот на Салах Абдеселам во бриселското предградие Моленбек.

Јуелих е истражувачки нуклеарен центар и депонија за атомски отпад, кој се наоѓа на границата со Белгија. Негови претставници во изјава за јавноста велат дека нема индиции за било каква опасност.