Германските социјалдемократи дадоа зелено светло за преговорите со конзервативците

Социјалдемократската партија на Германија (SPD) даде на вонредниот партиски конгрес во неделата зелено светло за почеток на конкретните преговори за формирање на коалициската влада со конзервативците од Унијата на Христијанско-демократската унија (CDU)и Христијанско-социјалната унија (CSU) предводена од канцеларката Ангела Меркел.

„Од 642 делегати на конгресот за предлогот на претседателството на партијата за почеток на преговорите гласаа 362, против 279 со еден воздржан глас. Со тоа прелогот на претседателството е прифатен“, изјави членот на претседателството на SPD, Хеик Маас по пребројувањето на гласовите.

Уште во неделата навечер за резултатите од вонредниот конгрес на SPD ќе се дискутира и на состанокот на челниците на Унијата CDU/CSU. Се очекува дека конкретните коалициски преговори ќе започна уште следната седмица.

Но коалицискиот договор на крајот мора уште да го потврди и социјалдемократската база на посебно гласање.

Пред делегатите да започнат гласањето во неделата, челникот на SPD Мартин Шулц емотивно ги повика да гласаат „за“, порачувајќи дека одликата се очекува ширум Германија и Европа.

„Не мора да се владее по која и да е цена. Но, исто така, не мора да се биде подготвен да се плати која и да е цена за да се одбие власта“, порача Шулц.

Вонредниот конгрес, според процените на аналитичарите, покажало голема поделеност во редовите на SPD во врска со иднината на партијата, и голема степен на несоглaсување со политиката на демохристијанската Унија CDU/CSU, што би можело дополнително да ги отежне претстојните конкретни коалициски преговори.

По почетните разговори меѓу социјалдемократите и демохристијаните минатата седмица беше донесен документ со темелите за коалициските преговори. Најспорните делови од овој документ за базата на SDP се однесуваат на некои елементи од социјалните политики, како реформите на здравствениот систем и имигрантските политики.

Претходно во неделата германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека сакаат да ја продлабочат билатералната соработка и одново да ја придвижат Европската унија кон потесна интеграција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.