Германското разузнавање предупредува на заканите од исламисти и кинески шпиони

Германската разузнавачка служба Федерална служба за заштита на уставот (Bundesamt für Verfassungsschutz – BfV) предупреди во неделата на зголемената закана од исламистички тероризам, особено од борците од северен Кавказ кои се бореле во Ирак и во Сирија, како и од кинеската шпионажа.

„Екстремистите од северен Кавказ, покрај во чеченската војна во нивната татковина, значително придонесувале во битките во Ирак и во Сирија. Тие се искусни во борбите и се потенцијално голема опасност“, изјави директорот на BfV, Ханс-Георг Маасен во Берлин.

Германската служба проценува дека во Германија во моментов се наоѓаат од 500 исламисти од северен Кавказ, односно од Чеченија, Дагестан и Ингушетија, кои изминатите децении имаа стратешка тајна поддршка до западните разузнавачки служби во поткопувањето на стабилноста на Руската Федерација.

„Склоноста на севернокавкаските исламисти на насилство, боречки вештини и оружје, бара внимание од безбедносните служби во Германија“, предупредува Маасен.

Нивните центри во Германија, според процените на BfV, се источните региони Банденбург и Берлин, како и западните области Северна Рајна-Вестфалија, Хамбург и Бремен.

Маасен додава дека бројот на салафистите, следбеници на особено конзервативната струја во исламот, во Германија пораснал на 10.800 од 9.700 колку што ги имало во декември минатата 2016 година.

Тие се радикализираа не само во џамиите или преку поголемите трансрегионални организации, туку и во малите заговорнички кругови и во прв ред преку интернет, а сѐ повеќе ги има и женските салафистички мрежи, вели Маасен.

Од BfV во неделата предупредија и дека кинеските разузнавачки служби ги интензивираат интернет нападите врз германските и европските цели, и дека сакаат да се инфилтрираат во парламентите, министерствата и агенциите.

„Масовно се користат социјалните мрежи, особено LinkedIn“, вели Маасен, чијашто служба е задолжена за контраразузнавачка дејност.

На пример, BfV утврдил дека од јануари до октомври 2017 година цел на кинеските напади на социјалните мрежи како LinkedIn биле повеќе од 10.000 германски државјани, а се сомнева дека голем број случаи останале непријавени. Тие се обидувале да соберат информации и да регрутираат доушници.

Кинеските разузнавачки служби отвориле низа лажни профили на социјалните мрежи и често се претставуваат како вработени во агенции за вработување, консалтинг или тинк-тенк групи, или како истражувачи, предупредува германското разузнавање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.