Германското разузнавање прислушувало десетици влади од ЕУ

Федералната разузнавачка служба на Германија, БНД, во 2013 година прислушувала владите на десетици земји од ЕУ и партнери од НАТО, пренесува германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на документ на Парламентарната комисија за контрола на специјалните служби, пишува Дневник.

-Особено интензивно било прислушувањето на дипломатските претставништва на земјите од ЕУ и НАТО во целиот свет, кои претставуваат две третини од 3.300 прислушувани цели, меѓу кои има шефови на држави и влади, министри, воени институции – посочува ДПА и додава дека прислушуваните објекти на највисоко ниво биле неколку десетици.

БНД исто така шпионирала двоцифрен број канцеларии на невладини организации и економски институции, а меѓу целите посочени се и во авијацијата и вселенската индустрија, како и трговијата со оружје, транспортот, медиумите и консултантските агенции, иако извештајот не посочува на какви медиуми се мисли. ДПА наведува и дека не е јасно како точно разузнавачите ги шпионирале медиумите.

Ова не е прв извештај според кој германското разузнавање шпионирало други земји, вклучително и сојузници. Во април германскиот весник „Шпигел“ објави дека Германија ги шпионирала американскиот Стејт департмент, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, британското министерство за одбрана, НАСА и американските воздухопловни сили, потсетува „Раша тудеј“.

По откритијата на поранешниот агент на ЦИА, Едвард Сноуден, стана јасно дека американското разузнавање шпионирало стотици илјади граѓани во Германија. Потоа скандалот доби друг пресврт – излезе дека Американците биле потпомогнати во следењето на европските објекти од БНД. Од федералното разузнавање постојано изјавуваа дека по откритието на Сноуден во 2013 година практиката за следење партнери од НАТО и ЕУ била прекината.

Последните податоци, сепак, може да создадат дипломатски тешкотии за германската влада, особено во услови на ситуацијата во ЕУ по брегзит и засрамувачка ситуација за германската канцеларка Ангела Меркел, која во 2013 година му одржа лекција на американскиот претседател Барак Обама дека пријателите не се прислушуваат меѓусебно откако во јавноста излезе информација дека американската НСА  го прислушувала телефонот.