Гевгеличани на протест „За заедничка Македонија“

Силната поддршка од гевгеличани за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ продолжи и вечерва со мирен протестен марш по главните градски улици и со повик до сите македонци за обединување против обидите за разнебитување на Македонија.

Петар Трајанов од говорницата упати апел до градоначалникот Иван Франгов и до општинските советници, кои моментно заседаваат, да ја отфрлат и осудат антимакедонската платформа создадена во Албанија, што претставува директно мешање во нашите внатрешни работи и досега најгруб обид за федерализација и бинационалност, а истата порака со пригодна рецитација од сопствената стихозбирка „Вардарска рапсодија“ ја упати и поетот Кирил Кангов.

Од ден на ден гевгеличани сплотени се собираат со една единствена цел, да кажат не на туѓи платформи за редефинирање на унитарна Македонија.

– Ние нема да дозволиме други да ни ја кројат државата и некој од надвор да не уценуваат со некои нивни платформи со кои сакаат да ни ја свиткаат кичмата и во сопствената земја да останеме граѓани од втор ред, истакна вечерва пред гевгеличани, внукот на Методија Андонов Ченто, Јане Ченто.

Тој притоа повика на обединување на сите Македонци и со цврста љубов и силна верба, како што рече да ја одбраниме нашата земја затоа што ни се во опасност јазикот, химната, знамето, идентитетот и унитарноста.