Гевгелија доби покриен градски пазар

Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов денеска свечено го предаде во употреба новиот покриен градски пазар, задоволен што Гевгелија конечно добила нов модерен пазар.

„Моето задоволство е уште поголемо бидејќи наспроти бројните сомневања и шпекулации дека овој капитален проект нема да ја дочека светлината на денот, сепак денес сме сведоци дека гевгеличани и бројните гости можат да пазаруваат во новиот пазар“, рече Франгов.

Додаде дека граѓаните на Гевгелија тоа го заслужија, а општината ја исполни обврската ним и на жители од другите градови и од соседните земји да им обезбеди и понуди подобри услови за пазарување.

Покриениот дел од новиот градски пазар зафаќа површина од 5.888 метри квадратни, поделен е во три блока и опремен со тоалети, чешми, пристапни патеки, отворен паркинг-простор и контејнери за ѓубре. За неговата изградба од општинскиот буџет беа потрошени 79 милиони денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.