Ги следеле пет години, дилери од Македонија биле дел од италијанска мафија

Околу 45 трговци со дрога, од кои тринаесетмина се државјани на Македонија и на Албанија, се фатени во голема полициска акција што ја спровела италијанската полиција последниве неколку дена во неколку града во Италија, пишува Дневник. Идентитетот на тие што потекнуваат од земјава не се открива, но, според информациите, тие биле дел од опасната кокаинска мафија и секој од нив имал специфични задачи.

Членовите на мафијата, која освен со трговија со дрога се занимавала и со рекет и други сериозни кривични дела, биле следени пет години.

Собирањето докази почнало во 2009 година, кога им бил нанесен и првиот удар со апсењето на еден од уличните дилери, кој потекнува од Македонија. Тој бил фатен со 300 грама кокаин. Веднаш потоа почнала да се отплеткува мрежата на другите инволвирани, по што следувале тајно снимања и следења, а на крајот и масовно апсење и идентификување на речиси сите инволвирани во криминалот.

Полицијата сега смета дека главата на мафијата, која царувала со трговијата со кокаин во провинциите Фабријано, Пезаро, Фермо и Перуџа, е зад решетки. Со целата операција за апсење на криминалците раководел полицискиот капетан Бенедикт Иурларо, а била синхронизирано спроведена во неколку провинции.

Судските органи од Анкона, кои ја водат истрагата, наредиле спроведување истрага против сите 45 осомничени. Повеќето од нив се Италијанци, а 13 од нив потекнуваат од Албанија и од Македонија. Речиси сите живееле во Фабријано, а мал дел во Пезаро и Фермо. Додека траела акцијата за нивно апсење, идентификувани се и 90 лица, кои редовно купувале кокаин од трговците со дрога.

Засега нема информации дали се користела балканската рута за транспорт на кокаинот до Италија. Се очекува за ова апсење да бидат известени и македонските истражни органи, кои би помогнале за достава на информации за осомничените трговци со дрога што потекнуваат од земјава.

Засега медиумите во Италија имаат оскудни информации за случајот. Не се открива ниту количината на запленет кокаин пронајден кај осомничените. Засега има потврда само за запленети 700 грама кокаин и оружје, за кое се претпоставува дека криминалците го користеле за рекет.

Се очекува откако тие ќе бидат испрашани пред истражен судија да бидат сместени во притвор. Во меѓувреме се држи во тајност и името на мозокот на целата група. Местата во Италија каде што оперирале трговците со кокаин важат за места каде што има многу зависници. Со оглед на фактот дека групата функционирала неколку години, се претпоставува дека со нелегалната трговија со дрога заработила неколку милиони евра. Тие што потекнувале од Македонија и од Албанија најчесто биле користени како улични дилери на дрогата, а потоа се искачувале на повисоко ниво на пирамидата т.е. на организациската структура на кокаинската мафија.

Во Германија продаваат хероин, во Италија кокаин

Со оваа акција на италијанската полиција се покажа дека покрај Германија и Австрија, каде наши државјани имале разработен систем за трговија со хероин, слична мрежа имало и во Италија.

Но за разлика од таканаречената франкфуртска мафија, која главно се занимава со продажба на хероин, овде дилерите се специјализирале во трговијата со поскапиот кокаин.

извор Дневник