Ги убил мајката и тетката пред децата, па си пресудил

Утринава во Аеродром на бул. „АВНОЈ“ се случи трагичен настан во кој три лица од Скопје ги загубија животите на возраст од 31 до 36 години. Според првичните информации на МВР од увидот кој во моментов се врши, најверојатно станува збор за двојно убиство кое потоа резултирало со самоубиство на лицето кое ги има убиено двете сестри кои се на возраст од 31 и 34 години, а сторителот на убиството кој подоцна се самоубил е на возраст од 36 години.

„Според првичните информации кои ги имаме од разговорите на лице место со соседите, убиецот околу 11 часот дошол во станот на една од двете убиени сестри, односно убиената Наташа на возраст од 34 години.На врата ја затекнува нејзината сестра Билјана на возраст од 31 година и се заканува да не заминува, ја тера да се врати во станот и по кратка расправија пука во двете жртви. Веднаш откако пука во нив, си го одзел животот,“ изјави помошник министерот за внатрешни работи, Иво Котевски.

По ова, настанот бил пријавен во полиција од страна на соседите кои слушнале истрели и расправија. Во тек е увид, а информиран е и надлежен обвинител.

„Рано е да се говори за мотивите, лицето кое го извршило убиството се познавал со жртвата која живеела во станот со двете нејзини деца. Убиството е сторено со пиштол кој веројатно го поседувал со дозвола, но дополнително пиштолот треба да се вештачи. Инаку пиштолот е најден покрај неговото тело,“ дополни Котевски.

Лицето претходно и е познато на полицијата, односно во 2004 година против него е поднесена кривична пријава за загрозување со опасно орудие при тепачка или караница.

Во станот биле присутни и децата на Наташа, на седум и деветгодишна возраст, и ќе се разговара со нив дали и што виделе.