Ги загубил сопругата и синчето, сега спасува туѓи животи

Дваесет и петгодишниот Слобода Недељковиќ Џамбо во поплавите кои ја зафатија Србија ги загубил сопругата и двегодишниот син, но продолжува да трага по загрозените сограѓани и да спасува туѓи животи.

Слобода се доселил во Обреновац како бегалец од Косово, каде му било убиено целото семејство кога имал 6 години.

Кога настапила поплавата тој го однел семејството кај родителите на сопругата во Велико Поље мислејќи дека таму ќе бидат безбедни. Поради брзото надоаѓање на водата, тие се качиле на покрив, а дедото отишол да земе ќебе. Кога се вратил не ги нашол на покривот ќерката и внукот.
Недељковиќ го барал семејството меѓу изгубените, но без успех.