Гимназиите и медицината најинтересни за скопските полуматуранти

Првиот уписен рок за основците во сите средни училишта во Македонија ќе се одржи на 18 и 19 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 20 јуни, додека пак квалифицираното тестирање за одредени струки ќе биде спроведено на 22 јуни, и на крајот ранг листата ќе се објави на 25 јуни.

И оваа година, слично како и минатата, нeкои ученици веќе решија каде ќе го продолжат образованието, а некои се’ уште размислуваат. Јазиците, медицината, математиката или економијата се популарни, но најатрактивни остануваат гимназиите.

Заедно со ќерка ми одлучивме таа да конкурира во „Георги Димитров“, гимназиска струка, бидејќи во изминатите години ова училиште според искуствата на други ученици покажа високи резултати, а и квалитетен наставен кадар, вели мајката на една деветтодделенка, првенец на генерацијата во нејзиното училиште.

Како што велат голем број родители, заедно со оваа гимназија, популарни се и „Раде Јовчевски – Корчагин“, но и „Орце Николов“, а интерес има и за медицинските струки. Од друга страна, занаетчиските училишта и оваа година не се многу популарни, но сепак како и минатата година очекуваат да ги исполнат капацитетите во трите усписни рокови.

Да ви кажам право за секаде требаат врски и уште не сме одлучиле каде ќе го запишеме синот. Тој сака да конкурира во појаките училишта бидејќи е одличен ученик, ама нема дипломи од натпревари и не сакам моето дете да се разочара ако биде одбиено во првиот уписен рок, па да чекаме втор. Навистина е стресен овој период и за нас родителите и за децата, вели родител во изјава за НетПрес, видно револтиран од образовниот систем.

Директорите на некои од средните училишта се веќе подготвени за уписот на основците, очекувањата и интересот се слични како и лани.

Нашето училиште запишува ученици за гимназиско образование и стручно образование и очекуваме пополнување на бројката за упис на полуматуранти уште првиот ден. Важиме за училиште кое во изминатите години постигнува големи успеси, имаме наставници кои се амбициозни и мотивирани да ги поддржуваат учениците да учествуваат на бројни натпревари и да постигнуваат навистина добри резултати. Средниот просек во гимназиското образование во нашето училиште е 4.50, а тоа е најдобар просек во земјата. Отворени сме за учениците при нивниот избор на одредени предмети, но и за родителите со кои имаме одлична соработка – вели директорот на средно училиште на Град Скопје „Георги Димитров”, Саша Стоименов.

Слични се искуствата и во гимназијата „Никола Карев“, иако не сакаат да брзаат со заклучоци, подготвени се и очекуваат пополнетост на капацитетите уште во првиот уписен рок.

Во рамките на претходните искуства нашето училиште секогаш има високи критериуми и во принцип запишува ученици кои најчесто имаат 78, а многу ретко и 70 поени. Се случува да ни дојдат мал број одлични ученици кои не успеале да се запишат првиот ден во други средни училишта, претежно од гиманзијата „Орце Николов“ па ако имаат бодови ги запишуваме во нашите паралелки, вели психологот во средно училиште на Град Скопје „Никола Карев“, Гордана Блажевска Спиридонова.

Според конкурсот објавен од Министерството за образование и наука критериуми за избор на учениците се: среден успех на ученикот од 6 до 9 одделение, среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката), дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по мајчин јазик, странски јазик и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје како и средна вредност од поени добиени за поведение.

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици од планираниот број со еднаков број поени, ќе се организира квалификационо тестирање од предметите значајни за струката. Вкупниот број на можни поени е 80.

Учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат во одредено јавно средно училиште ако имаат до 10 отсто помалку поени од бројот на поените предвидени  согласно Конкурсот за соодветните наставни планови и програми и ако ги задоволуваат дополнителните критериуми за испит на знаење и вештини во соодветното училиште.

На територијата на Македонија има вкупно 190.225 полуматуранти, за 2,8 проценти помалку од минатата. Во Скопје основците треба да пополнат вкупно 35.909 слободни места од кои 25.127 на македонски наставен јазик, 9.830 на албански, 918 на турски и 34 на српски наставен јазик.

Иако средното образование е задолжително, сепак бројот на учениците на крајот на учебната 2017/2018 година изнесува 72 482, според статистичките податоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.