Гипсот на Ренова попушти пред моќниот Вардар

Актуелниот шампион на Македонија, ФК Вардар забележа уште еден убедлив триумф од 5:1 во домашниот шампионат, трет во низа, а последна жртва на избраниците на искусниот руски стручњак, Сергеј Андреев е одличниот тим на Ренова.

Најзаслужен за освоените три бода е младиот играч за врска, Јасир Асани, кој постигна по еден гол во двете полувремиња, а во листата на стрелци се запишаа и Димитрија Лазаревски, Златко Таневски и Влатко Грозданоски.

Единствениот погодок за Ренова беше дело на Арѓент Гафури.

Дерби пресметката во Битола, помеѓу екипите на Пелистер и Металург заврши со триумф на гостинот од 3:1, а нови три бода на своето конто запишаа фудбалерите на Работнички кои забележаа убедлива победа од 3:0 во дуелот против гостинската екипа на Гостивар.

Денеска ќе се одигра последниот натпревар од 27. коло, дуелот помеѓу екипите на Брегалница и Македонија ЃП.

Резултати: Пелистер – Металург 1:3, Еуромилк – Шкендија 0:2, Работнички – Гостивар 3:0, Вардар – Ренова 5:1, Хоризонт Т. – Напредок 4:0.