Ѓаволска офанзива во Пиреа

Шампионот на Грција, тимот на Олимпијакос е сериозна, но не и непремостлива пречка за најтрофејниот клуб во англиската Премиер лига, Манчестер Јунајтед, кој има обврска уште денеска да покаже кој е кој во 1/8 финалната пресметка од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Гостинот важи за апсолутен фаворит во овој двомеч, а таквата улога доби уште повеќе на интензитет и поради продажбата на најдобриот и најзаслужниот фудбалер за пласманот на Олимпијакос во елиминациската рунда, Костас Митроглу, кој за време на зимскиот преоден рок беше продаден на лондонскиот премиерлигаш Фулам.

“Има напредок во нашата игра и мислам дека во најдобриот можен момент го играме првиот дуел против Олимпијакос. Нашата зацртана цел е да победиме без примен погодок. Знам дека ќе има голем притисок, дека не очекува пеколна атмосфера, но ние сме навикнати, секоја недела играме во такви услови”, изјави менаџерот на “црвените ѓаволи”, Дејвид Мојс.

Далеку поголема неизвесност се очекува на првиот 1/8 финален дуел помеѓу претставниците на Русија и Германија, Зенит и Борусија од Дортмунд.

Катастрофалниот пораз во Хамбург е доказ дека има голем пад во формата на фудбалерите на Борсусија Дортмунд, а единствениот, но можеби најголем проблем на вицешампионот на Русија, е што фудбалерите не се во натпреварувачки ритам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.