Ѓоковиќ останува на врвот, Надал падна на петто место

Со одбраната на титулата на Мастерсот во Мајами, Србинот Новак Ѓоковиќ ја зголеми предноста на АТП листата во однос на второпласираниот Рожер Федерер.

Ѓоковиќ сега има 13.205 бода, односно 4.310 повеќе од Федерер, кој не настапи на турнирот во Мајами, каде минатата година стигна до четврфиналето.

Србинот воедно ја започна 141. недела на врвот на АТП листата и на тој начин се израмни со Шпанецот Рафаел Надал, додека Федерер со 302 недели е неприкосновен во тој сегмент.

Трет на листата оваа недела е Енди Мареј, кој скокна за едно место, исто како и Кеи Нишикори, кој сега е четврти, а Рафаел Надал од третото падна на петтото место.

Зад најдобрите петорица се Милош Раониќ, Давид Ферер, Томаш Бердих, Станислас Вавринка и Марин Чилиќ.